Основни програмски определби на СДСМ
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е партија која има развиено политики за сите релевантни области од општествениот живот. Нашите политики не се единствено контрапредлози на политиката на актуелната Влада, туку се вистинска алтернатива на десничарско-популистичката и изолационистичка политичка практика која се наметнува на македонските граѓани.
Социјалдемократските политики за Македонија се реални и прилагодени на состојбата на македонското општество и потребите на македонските граѓани. Но, во нивното обликување е вградена универзалната социјалдемократска визија за слободно, правично и солидарно општество. Прва и основна вредност од која поаѓа секоја наша политика и кон која е насочена секоја наша одлука е ЧОВЕКОТ, македонскиот граѓанин. За нас, македонските социјалдемократи, не постои поголема вредност од благосостојбата на секој граѓанин на Македонија. Само индивидуи чиј човечки интегритет и достоинство е гарантирано и заштитено од државата и нејзината одговорна Влада можат да бидат активни поединци. Тоа е единствена гаранција за слободата и за демократијата.
Затоа секоја наша политика поаѓа од реалните потреби на граѓаните, а не од наметната политика за жртвување на луѓето во име на потребите на малубројните елити на власт. Сметаме дека вистинскиот патриотизам е борбата за интегрирана, а не изолирана Македонија, достапно и квалитетно образование, бесплатна здравствена заштита за секого, заштита и поттикнување и на домашните и на странските инвеститори, заштитени работнички права, вистински економски раст, искоренување на сиромаштијата.
Нашата основна водилка е борбата против СТРАВОТ. Ослободеност од стравот за сопствената политичка, безбедносна и социјална несигурност на секој граѓанин на Македонија.
НАШИТЕ ДЕСЕТ ОСНОВНИ ОПРЕДЕЛБИ СЕ:
1. СОЧУВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ НАЦИОНАЛЕН ИДЕНТИТЕТ
2. ПОЛИТИЧКА СТАБИЛНОСТ НА МАКЕДОНИЈА
3. ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ, ЧЛЕНСТВО ВО НАТО
4. ВИСТИНСКИ ЕКОНОМСКИ ПРОГРЕС
5. ПОВИСОК ЖИВОТЕН СТАНДАРД И НАМАЛУВАЊЕ НА СИРОМАШТИЈАТА
6. КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ ДОСТАПНО ЗА СЕКОГО
7. ЗДРАВСТВО ЗА СИТЕ
8. ПЕНЗИИ ЗА ДОСТОИНСТВЕН ЖИВОТ
9. ЕВРОПСКО И ПРОФИТАБИЛНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО
10. ПОДИГНУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВОТОТ НА СЕКОЈ ЧОВЕК
За остварување на овие цели знаеме дека мораме да имаме партнери. Затоа нашата политика се базира на соработка и уважување на потребите на секого, а не на пресметка со противникот и игнорирање на граѓаните. СДСМ во спроведувањето на своите политики ќе гради:
-
партнерство со сите политичките партии во дефинирањето на одбраната и националните интереси на државата;
-
партнерство со синдикатите во остварување на правата на работниците;
-
партнерство со невладините организации и со медиумите во изградбата на граѓанското општество;
-
партнерство со земјите-членки на ЕУ заради побрза интеграција на Македонија во Европа;
-
партнерство со соседите на нашата држава заради затворање на прашањето на кризно подрачје и создавање на безбеден регион со јака регионална соработка;
-
партнерство со САД со нагласена активна политика на помагање и градење на уште подобри односи со најмоќната светска воено-политичка и економска сила.
Социјалдемократскиот сојуз изработи политики и мерки за остварување на нашите цели за последните предвремени парламентарни избори во јуни 2008 година. Нашите политики се сеуште актуелни и секојдневно служат како потсетник на Владата за тоа кои се вистинските потреби на македонското општество.



