Почитувани сограѓани,

Како Општинската организација на СДСМ во Делчево чувствуваме за потреба да Ве информираме за следните случувања:
Знаеме дека исто како и владата и нашиот градоначалник работи 24 часа дневно, седум дена во неделата пет месеци до сега и резултат од тоа почитувани граѓани за пет месеци педесетина луѓе останаа без работа. Нека ви служат на чест градоначалниче вашите првични резултати и се прашуваме уште колку луѓе до крајот на вашиот мандат ќе останат без работа.
Почитувани граѓани Ве известуваме дека во изборната програма на Градоначалникот Горан Малешевски на 51 страна стои:
"Секој народ се осознава и препознава преку своето културно наследство и култура. Во оваа насока нужно е негување и унапредување на културата."
За само пет месеци негување и унапредување на културата градоначалникот и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево се откажаа од дел од своето културно богатство!
Имено на последната седница на Советот на Општина Делчево одржана на ден 25 септември Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за престанок на работа на Локалниот археолошки, етнолошки, историски и природно-научен музеј со образложение дека нема финансиски средства за негово одржување. Решението за исполнување на посебните услови за работа на Локалниот музеј го даде министерката Елизабета Камчевска Милевска на 24.12.2008 година.

Само после осум месеци Градоначалникот заедно со Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и удри шлаканица на одлуката на својата министерка, а најмногу на премиерот Никола Груевски кој во изминатите три години се преставуваше за најголем поборник на заштитата и истражувањето на културното богатство на Република Македонија. На седницата им беше укажано од страна на Советничката група на СДСМ дека со таква одлука се откажуваат од културното богатство на Пијанечкиот крај, се откажуваат од развојот на културниот туризам, а воедно и дека го кршат Законот за музеи.
Но советниците без дискусија, без аргументи се претворија во гласачка машина на која не и е гајле ниту за културата ниту за развој на културниот туризам. Единственото што им беше битно е да ја спроведат партиската стратегија која налага да се смени директорот на Локалниот музеј по цена да се уништи и целата Установа.

Советничката група на СДСМ само за да продолжи со работа музејот предложија на советот да не донесува одлука за укинување на музејот, а Градоначалникот да изврши промена на директорот и да си назначи свој партиски човек за директор.
И покрај овој предлог мнозинството советници "негувајки и унапредувајќи ја културата" си зедоа за право за еден час да уништат нешто што двајца претходни Градоначалници го создаваа со години.
Образложението дека нема финансиски средства е следно:
Градоначалникот си остави 20.000 евра за репрезентација, 400.000 денари за нов автомобил, околу 2.000.000 денари за Невладини организации и Здруженија на граѓани и поради тие причини почитувани граѓани нема финансии за чувателот на културното богатство - Локалниот музеј.
На седницата не присуствуваше Градоначалникот на Општина Делчево, веројатно не можејќи да го издржи срамот од незаконитото работење во образованието, а сега и во културата, но мислиме дека е доблесен и оваа ситуација ќе ја објасни на своите сограѓани.
За ребалансот на буџетот советничката група на СДСМ предложи од ставката за репрезентации да се префрлат 400.000 денари на ставката за Детската градинка, кои ќе бидат наменски искористени за набавка на нови столчиња и шкафчиња бидејќи постоечкиот инвентар е од 1970 година како и реконструкција на водоводната инсталација бидејќи зидовите се мокри и децата претстојуваат во влажни простории.
На 47 страна од изборната програма на градоначалникот Горан Малешевски стои:"Еден од нашите најважни приоритети е реконструкција и проширување на постојните детски градинки".
И покрај тоа што го има ветено и овој предлог беше одбиен од советничката група на ВМРО ДПНЕ бидејќи очигледно парите предвидени за репрезентација на Градоначалникот се побитни отколку негувањето и унапредувањето на здравјето на најмладата популација.
Почитувани граѓани се прашувам во чиј интерес работи моменталната локална власт и дали тоа го ветија на граѓаните на Делчево или пак отварање на нови капацитети, институции и вработување на нашите сограѓани , потсетете се.